Синоќа беше постигнат трговски договор помеѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, на кој присуствуваа претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп. Белгискиот премиер, Барт де Вевер, изрази олеснување, но и загриженост.
„Иако чекаме дополнителни информации за новиот трговски договор, едно е сигурно: ова е момент на олеснување, но никоја причина за славење. Царините ќе се зголемат во неколку области, а клучни прашања остануваат нерешени“, објави Де Вевер на социјалната мрежа Икс.
И покрај оваа загриженост, тој упати честитки до Фон дер Лајен и нејзиниот тим за нивната непоколеблива работа и посветеност во последните месеци, кои им беа насочени кон одржување на трансатлантските врски и создавање на што потранспарентна трговија во овие предизвикувачки времиња.
„Искрено се надевам дека во блиска иднина САД ќе се откажат од заблудите на протекционизмот и повторно ќе ја ценат важноста на слободната трговија, која е основа за заеднички просперитет“, додаде тој.
Според неговите зборови, Европа треба да продолжи да го зајакнува својот внатрешен пазар, да ги намали непотребните регулативи и да создава нови партнерства за ширење на глобалната трговска мрежа.
„Нека Европа стане светилник на отворена, фер и сигурна трговија која е неопходна за светот“, истакна белгискиот премиер.
Мнозинството од европските лидери, кои претходно покажуваа воздржаност кон плановите на ЕУ за воведување контра мерки кон САД ако не биде постигнат договор за царините, вклучувајќи го германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони, позитивно ја оценија вчерашната трговска спогодба, нагласувајќи ја важноста на одржувањето на стабилноста.
Како што нагласи синоќа Фон дер Лајен, овој договор создава сигурност во овие неизвесни времиња и обезбедува стабилност и предвидливост за граѓаните и бизнисите на двете страни на Атлантикот.
Таа додаде дека се работи за договорна рамка, чии детали ќе се прецизираат во следните недели.
„Завршивме значаен труд, имаме договор за идните години, кој е исклучително поволен“, заклучи Фон дер Лајен.




