Здравствената состојба на Аргентинецот Лионел Меси и натаму е неизвесна пред четвртфиналето на Копа Америка против Еквадор во четврток, а тренерот на популарните „Албиселесте“, Лионел Скалони, сака да почека пред да одлучи за составот на почетниот тим.
Меси го пропушти последниот натпревар на Аргентина во групата против Перу (2:0) во саботата, откако се пожали на проблеми со тетивата на десната страна. Скалони рече дека ќе донесе одлука по тренингот на неговиот тим подоцна во среда.
„Ќе почекаме неколку часа пред да донесеме одлука. Секогаш е подобро да се има уште еден ден“, изјави аргентинскиот селектор на прес-конференција.
Аргентинскиот стратег додаде дека ќе разговара со 37-годишниот Меси за да види дали е подготвен за следниот натпревар.
„Ќе се обидеме да го интегрираме и, доколку не е подготвен, ќе го бараме најдоброто решение за тимот. Ќе разговарам со него денеска. Мислам дека е исправно да си земе време и да тренира што е можно повеќе”, рече Скалони.
Доколку Меси не е подготвен за натпреварот против Еквадор, Скалони би можел да започне со Хулијан Алварез и Лаутаро Мартинез како напаѓачки тандем.
Лаутаро е најдобар стрелец на Копа досега со четири гола на трите натпревара во групната фаза, а погоди и против Перу, додека Алварез беше стрелец на првиот натпревар против Канада.