Недозволиво е уставен судија да зборува за албанска кауза, вели Мицкоски, ДУИ со осуда

ДУИ го осуди барањето на премиерот Христијан Мицкоски за оставка на судијата на Уставниот суд – Осман Кадриу. Според ДУИ, причината зад таквиот повик е отпорот на Кадриу кон обидите на судот да извршува партиски наредби.

„Наместо да реагира на скандалозното однесување на претседателот на судот, кој јавно призна дека намерно не го почитува Законот за јазици затоа што ‘не му се допаѓа’, премиерот продолжи да врши притисок врз судот да ја спроведе партиската иницијатива“, велат од ДУИ.

Тие го повикаа Мицкоски „да ја запре инструментализацијата на судот и веднаш да ја повлече иницијативата за оспорување на законот“, и му порачаа дека правната држава не се гради со политички притисоци врз независните институции.

Мицкоски, во синоќешното интервју на ТВ21, изјави дека на Кадриу – кој е еден од уставните судии кои ја бојкотираа седницата за Законот за јазици и најавија дека ќе ја бојкотираат и подготвителната – не му е местото во Уставниот суд.

„Да го каже уставен судија тоа што го кажа, поврзано со албанската кауза и слично… нему не му е таму местото. Простете, но не му е таму местото. Тој може такви изјави да кажува на друго место. Треба под итно да си поднесе оставка, затоа што тој зема плата од граѓаните“, рече Мицкоски, додавајќи дека дел од судиите не ги оправдале очекувањата од граѓаните.

- Реклама -