Не може да имаме Буџет од шест милијарди евра, а да нема пари за зголемување на плати – реагираат од СДСМ

Од опозициската партија велат дека со актуелната Влада, граѓаните имаат помалку пари, а работниците живеат се потешко и токму затоа премиерот Мицкоски потфрли на најважната тема – животниот стандард на граѓаните

И покрај фактот што Буџетот предвиден за 2025 година изнесува рекордни шест милијарди евра, Владата не предвидува пари за зголемување на платите на работниците, рече на прес-конференција портпаролката на опозициската СДСМ, Богданка Кузеска.

Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ / Фото: Принтскрин

Од СДСМ велат дека тие предупредиле оти овој буџет ќе биде најгломазниот и најрасипнички во историјата на земјава, во кој нема да има предвидено пари за работниците и поголеми плати, што сега како што велат се покажува како точно. Оттаму велат и дека ова е недопустливо бидејќи претставува целосен непочит на трудот на македонските работници и целосна неспособност на власта да одговори на економските потреби на граѓаните.

„Власта товари нови долгови на грбот на граѓаните и граба пари за себе воопшто не водејќи сметка за потребите на граѓаните и на работниците. Покрај задолжувањето од 500 милиони евра од Унгарија, власта во изминатите 3 месеци се задолжи со 128 милиони евра преку државни записи и обврзници, и 73,7 милиони евра кај домашните кредитори. Тоа се нови, над 200 милиони евра долгови врз грбот на граѓаните кои ќе ги плаќаат идните генерации“,

вели Кузеска.

Додека се товарат нови долгови, Кузеска вели дека платите стагинараат, а животниот стандард и куповната моќ на народот опаѓа, а доказ за тоа се последните податоци од Државниот завод за статистика согласно кои трошоците за живот и цените на основните производи се зголемени за 4,4 отсто, односно 4,3.

„Власта целосно го напушти системот за зголемување на платите воспоставен од СДСМ што резултира со влошување на животниот стандард на работниците. Упорно го игнорира и нашиот предлог за минимална плата од 500 евра, која е неопходна за да се одговори на растот на трошоците за живот Не може власта да има 6 милијарди евра Буџет, да се задолжува со нови 200 милиони евра а да нема пари за поголеми плати за работниците“,

кажа Кузеска.

Кузеска рече и дека за власта најважна е удобноста на функционерите, нивните високи плати, скапи коли, луксузен мебел, но и оти СДСМ нема да отстапи од борбата за правата на работниците и подобрување на нивниот животен стандард бидејќи тие заслужуваат подобро, поголеми плати и достоинствен живот.

- Реклама -