„На вратата на објектот беше поставен бел лист со името на фирмата. На него пишуваше: ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани“. Ова го изјави обвинетиот полицаец Кире Богатинов, бранејќи се пред судот откако Обвинителството утврди дека казните за дискотеката „Пулс“ биле запишани на неактивна фирма. Тој нагласи дека споменатата фирма беше регистрирана во Централниот регистар, што било причина да ја вклучат во службените документи. Обвинетите тврдат дека не знаеле за статусот на фирмата сè до моментот кога против нив биле поднесени кривични пријави.
„За неактивноста на фирмата дознав едвај кога ми беше поднесена кривична пријава“, рече обвинетиот Александар Темелков, додавајќи дека, според неговите сознанија, прекршочна постапка може да се води и за неактивна фирма, освен ако таа не е избришана од регистарот.
Обвинетиот Горан Лазаров истакна дека ваквата пракса е вообичаена, односно полицијата континуирано постапува според името на фирмата истакнато во објектот. Тој сведочеше дека при контрола во дискотеката „Пулс“ биле пронајдени малолетници, а сопствениот на објектот, Дејан Јованов, одбил да се легитимира.
„Лицето ми е познато. Кога сме го запознале индивидуално, нема потреба дополнително да го идентификуваме“, рече Лазаров. Тројцата полициски службеници се обвинети за злоупотреба на службената положба, бидејќи прекршочните пријави ги воделе на фирма која не била активна, со што, според обвинението, дискотеката „Пулс“ успеала да избегне плаќање на казните за присуство на малолетници.




