Неодамна, во Сеул – главниот град на Јужна Кореја, се одржа малку чуден апстиненцијален натпревар. 60 Јужнокорејци ги оставија смартфоните и таблетите и едноставно седнаа на земјата во еден јавен парк, едноставно размислувајќи (под претпоставка) и не правејќи ништо, цели 90 минути. За победник беше прогласен натпреварувачот на кој на истекот на тие 90 минути му беше измерена најстабилна срцева работа т.е. човекот кој најдобро ја поднел разделбата од своите електронски гаџети.
Јужна Кореја има популација од околу 50 милиони луѓе, а дури 80% од нив поседуваат смартфон. Со тоа, земјата е една од „најповрзаните“ во светот. Националните статистики покажуваат дека корисниците во просек поминуваат 4 часа дневно на твитање, праќање пораки или играње видео игри на нивните гаџети. Дури 15% од овие корисници покажуваат симптоми на зависност. На растечката фиксација околу технологијата и интернетот се гледа како на сериозен проблем, па оттаму и настана таканаречениот „Space Out“ натпревар. Создаден е од група уметници, со цел да им се даде шанса на луѓето да се дисконектираат, макар и на кратко, и да се промовира живот ослободен од информационо преоптоварување.
Уникатниот натпревар прв пат беше поставен во 2014-та, како уметничка инсталација, но доби толку позитивен фидбек што стана годишен настан. Оваа година, повеќе од 1500 онлајн апликанти (о, иронијо) се регистрираа за едно од 60-те слободни натпреварувачки места. Избраните потоа се најдоа во паркот Риверсајд во Сеул, каде што седеа на тревата без да зборуваат, спијат, јадат, без многу да се движат и се разбира, без да користат било какви електронски направи. „Да му дозволиме на нашиот мозок – никогаш слободен од премногу информации од смартфон, ТВ или компјутер – да се релаксира! ДА уживаме во мислење на ништо“, стоеше во изјавата на локалниот совет, кој го поддржува настанот.
Организаторите се надеваат дека ќе инспирираат многу повеќе луѓе да ги остават своите мозоци да здивнат од постојаната тортура од информации.
И патем, ниту едно спомнување на одмор од смартфони не може да пројде без муабетот на Louis CK.