Младиот графички дизајнер и визуелен уметник Кеј Зеќировиќ го лансира „Наши“ – нов фанзин за „направи сам“ (DIY), посветен на алтернативната уметничка и музичка сцена во Македонија. Ова издание е резултат на менторството на Бојан Шашевски, како дел од резиденцијалната програма „Градски ѕид за Нови Лица“ во Лабораториум.
„Наши“ е авторска визуелна студија на независната македонска музичка сцена, спојувајќи графички дизајн, фотографија, интервјуа и визуелно раскажување во публикација што ја слави DIY културата и локалното независно создавање.

Кеј Зеќировиќ е дел од новата генерација уметници кои го развиваат својот креативен израз низ различни визуелни медиуми. Покрај графичкиот дизајн, се занимава со фотографија, колаж, илустрација, како и дигитално и традиционално цртање. Неговата практика во сито печатењето се развива преку ангажманот во Партизанска Штампа. Во последните години, развива препознатлив визуелен јазик, обележан со експресивна, алтернативна и намерно хаотична естетика, која најмногу е инспирирана од музиката и независната културна сцена.
Промоцијата на фанзинот е закажана за четврток, 9 август 2026 година, во Лабораториум, со почеток во 20 часот.

Откако ќе биде презентиран фанзинот, бендот „Малард“ ќе предводи импровизирана џем-сесија, каде публиката ќе може активно да се вклучи и да учествува во автентично музичко искуство што ги отсликува вредностите на независната сцена: заедништво, спонтаност и колективно творештво.
Фанзинот „НАШИ“, како дел од иницијативата „НОВИ ЛИЦА“, претставува активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ од Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.




