Фату, најстарата горила во светот во заробеништво, го прослави својот 69. роденден во берлинската зоолошка градина. На овој посебен ден, таа уживаше во специјален оброк составен од чери домати, цвекло, праз и зелена салата. Иако настанот беше свечен, не ѝ беше донесена роденденска торта, бидејќи шеќерот не е препорачан за примати во постара возраст.
Како западнонизинска горила, Фату значително ја надминува просечната долговечност на својот вид во природата, која се движи помеѓу 35 и 40 години. Таа пристигна во тогашен Западен Берлин во 1959 година, во времето на Студената војна, кога се проценува дека имала околу две години. Во 2024 година стана најстара жителка на зоолошката градина, по смртта на фламингото Инго, за кое се верува дека имало најмалку 75 години.
Се предпоставува дека Фату е родена во дивината на Западна Африка, а според запишаните податоци во Гинисовата книга на рекорди, била фатена од француски морнар, кој ја искористил за да подмири сметка во бар во Марсеј. Преминала во берлинската зоолошка градина, каде што денес живее во сопствен простор и најчесто се изолира од другите горили.
Заради својата старост, Фату ги изгубила забите и има проблеми со артритис и слухот. Според нејзините чувари, таа е пријателски настроена, но знае да биде и упорна – карактер достоен по долгогодишниот живот во заробеништво.




