Најмалку седум жртви во новите руски напади врз Украина

Русија во текот на ноќта спроведе нова серија напади врз повеќе украински градови, при што, според досегашните информации, загинаа најмалку седум лица, а десетици други се повредени. Во Киев, бројот на загинатите изнесува три, потврдува шефот на Киевската градска воена администрација, Тимур Ткаченко. Според неговите податоци, најмалку 29 лица се повредени, вклучително и две деца.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека по нападите избувнале пожари во две станбени згради – едната со 24 катови, а другата со девет. Според властите, украинската престолнина била цел и на балистички ракети. Во градот Днипро загинале четири лица, а најмалку 16 се повредени, при што дел од повредените се во тешка состојба, потврдува началникот на Днипропетровската воена администрација, Олександр Хања.

„Бројот на повредените во рускиот напаѓачки удар врз Днипро се зголеми на 16. Овој напад однесе четири животи“, напиша Хања на Телеграм. Напади се регистрирани и во Харковската област, каде што, според последните информации, се повредени најмалку десет лица, меѓу кои и 11-годишно девојче, извести началникот на регионалната воена администрација, Олег Синегубов.

Спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на последиците и проценка на материјалната штета во погодените подрачја. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна предходно дека постои можност од нов голем напад од Русија и ги повика граѓаните да бидат внимателни и да ги следат воздушните тревоги. Минатата недела, Москва објави дека ќе започне со „систематски удари“ врз цели во Киев поврзани со украинската војска и центарите за одлучување, истовремено апелирајќи до странските државјани да ја напуштат Украјна.