Најмалку 20 девојки исчезнале од летен камп поради катастрофалните поплави во Тексас

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексашкиот ридски округ се искачи на 24 во петокот навечер, соопштија локалните власти, додека потрагата по повеќе од 20 исчезнати лица од летниот камп за девојчиња продолжи во текот на ноќта.

По обилните дождови, водата од поплавената река Гвадалупе се спушти во округот Кер и околните подрачја околу 4 часот наутро. Според извештаите, телата се пронајдени во возила однесени од горниот тек на реката.

Гувернерот Грег Абот ја опиша ситуацијата како „вонредна катастрофа“ и нагласи дека мисиите за пребарување и спасување ќе продолжат и во текот на ноќта.

– Овие операции ќе се одвиваат и во темнината, а ќе продолжат и со излегувањето на сонцето утре. Нема да бидат прекинати – изјави Абот на прес-конференција во петокот навечер.

Исчезнатите се од кампот Мистик во Хант, Тексас, каде оваа недела беа сместени 750 деца. Хеликоптери успеаја да превезат десетици деца на безбедно место во петокот. Чуварите на природата во Тексас соопштија дека успеале да стигнат до кампот со специјализирани возила за да спасат уште луѓе.

Шерифот на округот Кер, Лари Л. Леита помладиот, изјави дека помеѓу 23 и 25 лица од Камп Мистик се водат како исчезнати.

Леита потврди во петокот вечерта дека бројот на загинати во округот изнесува 24, што е зголемување во однос на 13-те смртни случаи пријавени претходно истото ден. Спомена и еден смртен случај во округот Кендал.

Директорот за јавна безбедност на Тексас, полковник Фримен Мартин, ја опиша ситуацијата како „настан со масовни жртви“.