Најмалку 19 лица беа повредени синоќа, вклучувајќи и едно дете, за време на огнометот на фестивалот „Рајнкирмес“ во Диселдорф. Инцидентот се случи кога пиротехничко средство експлодираше во близина на публиката, објавија локалните власти.
Според информациите од полицијата и противпожарните служби, меѓу повредените имало најмалку едно дете, а четирите лица се здобиле со тешки повреди, пренесува „Билд“.
Сведоци на настанот тврдат дека две ракети завршиле меѓу посетителите, а противпожарната служба информираше дека повредените се пренесени во блиските болници со изгореници. Во моментот на експлозијата, голем број пожарникари, амбулантни возила и полиција веќе се наоѓале на теренот и веднаш реагирале.
Посетителите, исто така, се вклучиле, пружајќи прва помош на повредените. И покрај инцидентот, огнометот продолжил да трае неколку минути, а густ чад се издигнал над реката Рајна. Организаторите на фестивалот најавија дека размислуваат за иднината на огнометот во програмата на следните години. Полицијата продолжува со истрага за причините зад овој несреќен настан.




