Бројот на лица кои побарале медицинска помош во португалскиот регион Леирија поради симптоми поврзани со загадувањето на водата на плажата Назаре, се зголемил на 116. Ова го соопшти клиничко-болничкиот центар во регионот.
До попладнево, на болничко лекување биле примени 72 деца и млади, како и 44 возрасни. Меѓу оние кои се разболеле, 70 се жени, а 46 мажи.
Според локалната болница, поголемиот дел од случаите, односно 62 проценти, се однесуваат на деца и адолесценти.
Плажата Назаре е привремено затворена во петокот по технички дефект, кој довел до испуштање на отпадни води и непријатна миризба.
Забраната за капење беше укината синоќа, откако резултатите од тестирањето на квалитетот на морската вода покажале подобрување.
Општина Назаре соопшти дека, по инспекцијата направена во саботата попладне, утврдено е дека морската вода е „бистра и проѕирна, без видливи органски материи“.
Во соопштението на општината се наведува дека локалните здравствени служби заклучиле дека, врз основа на резултатите од анализата на водата и намалувањето на бројот на пациенти со гастроинтестинални симптоми, не постои причина за продолжување на забраната за капење.
Клиничко-болничкиот центар на регионот Леирија претходно истакна дека симптомите кај заболените главно вклучуваат повраќање, мачнина и дијареја.




