Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција по објавата на американското Министерство за финансии рече дека станува збор за строги и сериозни санкции и дека се бара целосно излегување на Русија од сопственичката структура на НИС
Нафтената индустрија на Србија (НИС) се најде на листата на санкции што во петок (10 јануари) ја објави Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.
Компанијата, како што се наведува, е санкционирана поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради поврзаноста со руски „Гаспром нефт“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција по објавата на американското Министерство за финансии рече дека станува збор за строги и сериозни санкции и дека се бара целосно излегување на Русија од сопственичката структура на НИС.
Српската нафтена индустрија е на списокот со уште шест компании кои се „во сопственост или се контролирани од, дејствуваат или наводно дејствуваат за или во име, директно или индиректно со „Гаспром нефт“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Инаку, НИС е единствената компанија во Србија чија дејност е истражување, производство и рафинирање на нафта и производство на природен гас.
Руската државна компанија „Гаспром нефт“ и нејзината матична компанија „Гаспром“ од 2008 година имаат мнозински удел во сопственичката структура на НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.
Додека „Гаспром нефт“ е под европски и американски санкции, најголемиот светски производител на гас „Гаспром“ не подлежи на ембарго на западните земји.
Наведувајќи дека американските санкции за НИС се „тешки и сериозни“, Вучиќ рече дека САД „не дозволуваат можност за 49 проценти или помалку од рускиот капитал“ во таа компанија. Тој додаде дека на Србија и се поставени рокови за трансформација на сопственичката структура на НИС.
„Ќе имаме само 45 календарски денови за сите операции“,
рече Вучиќ, додавајќи дека за тоа време мора да се заврши потпишувањето на секој договор со руската страна, како и она што се нарекува „заклучување“ (closing).
Според Вучиќ, по овој рок санкциите ќе бидат воведени „во целост“. Тој изјави дека НИС ќе може да работи само „редовно“ и дека трансформацијата на сопственоста мора да започне веднаш.
„Планот за трансформација на сопственоста мора да биде одобрен од ОФАК (OFAC) (во рамките на Министерството за финансии на САД) и американската влада“,
рече Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека САД најавиле можност за консултации со Србија во врска со санкциите, и дека таа можност ќе биде искористена уште утре.
„Ќе побараме од идната администрација да ја преиспита оваа одлука и да видиме дали можеме да добиеме некои олеснителни околности“,
рече Вучиќ, кој најави разговори и со рускиот претседател Владимир Путин.
Вучиќ рече дека Велика Британија наскоро ќе се приклучи на санкциите, но дека српските граѓани „немаат причина за грижа“.
„Нема да има недостиг и нема да има економска катастрофа“,
нагласи Вучиќ на прес-конференцијата.
На барање од РСЕ за коментар на изјавата на Вучиќ дека станува збор за строги и сериозни санкции, од американскиот Стејт департмент соопштиле дека со Русија нема „бизнис како и обично“. Оттаму нагласиле дека САД „остануваат посветени на попречување на создавањето приходи на Русија и на набавките и финансиските мрежи што ги користи за поддршка на војната против Украина“.
„Ќе продолжиме да ги преземаме сите соодветни активности за промовирање на одговорност меѓу оние кои овозможуваат или профитираат од нелегалната војна на Русија и да го спречиме Путин да ја користи енергијата како алатка за принуда“,
навеле во одговорот од Стејт департментот.
Во него оттаму, исто така, навеле дека „САД ќе продолжат да работат со партнерите и сојузниците ширум светот за да се осигура безбедноста и разновидноста на снабдувањето со енергија“.