Надлежните служби открија црни точки на патиштата и работат на решавање на проблемот, во координација со Министерството за внатрешни работи.

Директорот на Државни патишта, Коце Трајановски, истакна дека се работи на идентификување на критичните точки по патиштата во земјава и дека во соработка со МВР се предвидува подобро означување на истите. Тој апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат сообраќајните знаци.

За експресниот пат Градско–Прилеп, на кој во текот на краткиот период од пуштањето во употреба изгубија живот пет лица, Трајановски најави нова и подобрена сообраќајна сигнализација.

„Станува збор за еден од новите патишта што ги започнавме во изминатата година, согласно важечките законски прописи. Но, поради зголемениот број на несреќи, веќе сме изработиле проект кој е предат во Министерството за транспорт. Очекуваме одобрување во краток рок, по што ќе започнеме со поставување на новата сигнализација. Веруваме дека тоа ќе помогне да ги намалиме сообраќајните инциденти и да ги заштитиме животите на патниците“, изјави Трајановски за „Вести плус“ на Канал 5.

Во однос на лошата состојба на скопската обиколница, Трајановски посочи дека наредната година е планирана поголема реконструкција.

„Работиме на идентификација на сите критични точки, при што најпрво реагираме на најзагрижувачките. Слушнавме за проблемите кај клучката Хиподром, кои веќе ги решивме, како и во околината на хотелот ‘Белви’. За обиколницата, која е наш приоритет, подготвуваме проект за поголема реконструкција. Планираме да прибавиме средства преку кредити, а во однос на триаголникот Миладиновци–Петровец–Хиподром, сме во преговори со Светска банка и други финансиски институции. Очекуваме следната година да започнеме со реконструкција“, додаде Трајановски.

Тој исто така нагласи дека во нашата земја се градат нови патишта, но дека е неопходно да се одделуваат повеќе средства од буџетот за одржување на постојните.

Што се однесува до состојбата на сообраќајните знаци, Трајановски посочи дека се работи на решавање на проблемите и верува дека наредната година ќе се постигнат значајни напредоци.

На прашањето за напредокот на автопатите, тој објасни дека во моментот се работи на три делници од договорот со „Бехтел и Енка“, и тоа Прилеп–Битола, Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани. Потсети дека е пуштен еден дел од автопатот Кичево–Охрид, кој се гради од страна на кинеската компанија Синохидро, и најави дека вториот дел до Охрид ќе биде пуштен многу скоро.