Над 90% од граѓаните гласале за приклучување кон Русија, тврдат проруските власти во Украина, Кремљ најави „безбедносни промени“

EPA-EFE/ALESSANDRO GUERRA

Проруските сепаратистички власти во Украина денеска ги објавија првите резултати од референдумите за присоединување на републиките Доњецк и Луганск, како и регионите Запорожје и Херсон кон Русија, според кои огромно мнозинство од граѓаните гласале „за“.

Во областа Запорожје со обработени 19 отсто гласови, а „за“ се изјасниле 98.19 отсто од гласачите. Во Доњецката Република со обработени 16 отсто гласови, од кои „за“ гласале 98 отсто.

Во Луганската република обработени се 13 отсто од гласовите, а „за“ се изјасниле 97.82 отсто од гласачите, додека во Херсон со обработени 14 отсто, од кои 96.97 отсто од гласачите гласале за приклучување кон Русија, пренесе Бета.

Од Кремљ денеска изјавија дека „референдумите“ за присоединување во четирите украински зони под контрола на Москва, кои завршуваат денеска, ќе доведат до промени за тие територии, главно во однос на безбедноста со можна нуклеарна заштита, пренесе БТА.

„Ситуацијата радикално ќе се промени од правен аспект, од гледна точка на меѓународното право, со сите релевантни последици за целите на заштитата и гарантирањето на безбедноста на овие територии“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Прочитајте и:  Во руски напад врз Запорожје уништена клиника – шестмина загинати и над 20 повредени

„Нашиот правен систем ќе ги разгледа сите опции и, се разбира, нашите законодавци, нашите извршни тела и нашите правни тимови се подготвени“, додаде тој.

Поранешниот руски премиер и претседател Дмитриј Медведев претходно ја коментираше можноста Москва да ја примени својата доктрина за нуклеарна одбрана на овие територии, која предвидува такви напади во случај на нуклеарен напад или егзистенцијална закана против Русија.

„Силите на руската армија значително ќе ја зајакнат одбраната на сите (украински) територии присоединети кон Русија“, напиша Медведев на Телеграм.

Според него, ова засилување ги вклучува „можностите што ги нуди мобилизацијата“ што е во тек во земјата, но и употребата на „целото руско оружје, вклучително и стратешкото оружје и оние базирани на нови технологии“.

„Русија има право да употреби нуклеарно оружје, доколку е потребно, во однапред дефинирани случаи и во строга согласност со принципите на државната политика во областа на одбрана од нуклеарен напад“, напиша и Медведев.

Коментирајќи ги зборовите на Медведев, Песков потврди дека неговите забелешки точно ја одразуваат руската „воена доктрина“ и препорача сите да се потсетат на нејзините принципи.

Извор: МИА

- Реклама -