Национална конференција: Напредок во грижата за лицата со ХИВ
Министерството за здравство постојано ја спроведува програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, која е една од најсложените и најзначајните јавноздравствени теми во нашата држава. Во оваа програма учествуваат разни чинители, вклучувајќи јавни и здравствени установи, како и 13 невладини организации, чии капацитети и стручност се од големо значење. Програмата вклучува превенција и третман, а овозможува и современа, сигурна терапија за 459 лица кои живеат со ХИВ, изјави Андовски.
Заменик-министерот за здравство информираше дека во 2024 година, граѓанските организации пружиле превентивни услуги за 7.453 лица и извршиле 1.086 тестирања, при што се откриени осум нови случаи на ХИВ. Сите овие лица веднаш биле вклучени на антиретровирусна терапија. Андовски истакна дека Министерството за здравство и Владата остануваат целосно посветени на обидите да се стави крај на епидемијата на ХИВ, најавувајќи зајакнување на превентивните програми и подобрување на пристапот до тестирање и психосоцијална поддршка.
Амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер, пред почетокот на конференцијата, рече дека за намалување на инфекциите со ХИВ е неопходен сеопфатен пристап, кој вклучува примарна здравствена заштита, предвидливи финансии и усогласување на работната сила, што ќе доведе до социјални и структурни промени во оваа област.
Тој додаде дека е важно зајакнувањето на законската рамка за да се обезбедат безбедност, одржливост и предвидливост во борбата против ХИВ. Швајцарија е долгорочен партнер на граѓанските организации во земјата преку програмата „Цивика мобилитас“.
Претставникот на Светската здравствена организација, д-р Аким Али, изјави дека оваа конференција е важна за одбележување на 1 Декември и нагласи дека е значајно што граѓанските организации соработуваат со меѓународни партнери, како што е СЗО.
„Сè уште постојат нови случаи на дијагностицирани лица со ХИВ. Повеќе од 500 лица живеат со оваа инфекција во нашата земја. По пандемијата со КОВИД-19, на глобално ниво и во рамките на ЕУ, се покажува дека постои потреба за дополнителни мерки за зајакнување на јавното здравје и борба против вакви инфекции“, додаде Али.
Оливера Стојковска, програмската раководителка во ХЕРА, потврди дека се фокусираат на раната дијагностика и навремената терапија. Според неа, нашата земја има постигнато напредок во грижата за лицата со ХИВ, со 90% од дијагностицираните случаи на терапија и 95% од нив со потиснат вирус. Сепак, предизвик останува раното дијагностицирање на вирусот, бидејќи се проценува дека околу 700 лица не се свесни за својот статус.
Андреј Сених, извршниот директор на Здружението „Заедно посилни“, истакна дека целта е до 2030 година да се стави крај на епидемијата на ХИВ. Важно е да се инвестира во тестирањето и раната дијагностика за брзо да се обезбеди терапија за новодијагностицираните.
Конференцијата е дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија. Организатори на конференцијата се ХЕРА, Здружението „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари.




