Очекувањата за самитот на НАТО, кој ќе се одржи следната недела во Хаг, се да ја потврдат Албанија како домаќин на самитот на Северноатлантската алијанса во 2027 година.
Како што пренесуваат албанските медиуми, нацрт-декларацијата потврдува дека Албанија ќе биде домаќин во 2027 година.
Овогодинешниот самит се одржува во Хаг, Холандија, додека за 2026 година е планирано одржување во Турција.
Во нацрт-декларацијата стои: „Изразуваме благодарност за топлото гостопримство на Кралството Холандија. Со нетрпение го очекуваме нашето следно собирање во Турција во 2026 година, а потоа и во Албанија.“
Преку нацрт-декларацијата, лидерите на НАТО ја потврдуваат својата посветеност на колективната одбрана согласно Член 5 и изразуваат решеност да ги заштитат граѓаните и демократијата. Тие ветуваат дека ќе ги зголемат трошоците за одбрана на најмалку 5% од БДП до 2032 година, од кои 3.5% за воени капацитети и 1.5% за критична инфраструктура, иновации и одбранбена индустрија.
Поддршката за Украина останува силна и ќе биде вклучена во пресметките за трошоците за одбрана. Алијансата се обврзува да ја зајакне заедничката одбранбена индустрија, да ги отстрани трговските бариери и да ја промовира технолошката соработка меѓу сојузниците, според нацрт-изјавата.
Албанскиот премиер Еди Рама веќе минатото лето најави дека Албанија ќе биде домаќин на НАТО самитот во 2027 година.
Албанија е членка на НАТО од 2009 година и овој самит ќе биде првиот што ќе се одржи во нејзина организација.
НАТО поседува воздухопловна база во Албанија, во Кучово, која е единствена во регионот на Западен Балкан и беше отворена во март 2024 година, по инвестиции од околу 50 милиони евра од НАТО и повеќе од 5 милиони евра од албанската влада.
Дополнително, Албанија е во преговори со НАТО за изградба на поморска база во Порто Романо на јадранскиот брег, близу Драч.




