На денешен ден во 1995 година: Групата „Најбарани“ го издаде култниот албум „Пресудниот ден“.

На 5 јуни 1995 година, официјално беше објавен албумот „Пресудниот ден“, деби-изданието на легендарната скопска хип-хоп група The Most Wanted. Повеќе од три децении подоцна, ова издание се смета за едно од најзначајните во историјата на македонскиот рап и го постави темелот на домашната хардкор хип-хоп сцена.

Приказната за The Most Wanted започнува во 1991 година, кога Владимир Аговски, познат како Аго (Nasty), го иницира проектот како соло идеја. Неколку години подоцна, во 1993 година, му се приклучува Бојан Мисајловски – Тец, по што групата добива појасен правец и интензивно работи на материјалот што подоцна ќе биде објавен како „Пресудниот ден“.

Во време кога во Македонија едвај постоеше развиена хип-хоп инфраструктура и професионалните студиски услови беа ретки, Аго и Тец успеаја да создадат албум кој стана историски документ за нова музичка култура. Големиот дел од музиката беше создаден на компјутер Amiga 1200, каде Тец ги изработуваше осумбитните битови и семплови, а текстовите беа дело на Аго. По првичните снимања, материјалот во 1995 година беше дополнително обработен во студиото „Емитер“ на Слободан Таневски, каде што беше финализиран неговиот препознатлив звук.

Прочитајте и:  (Видео) Спектакл во Мајами - Со хет-трик ја порази Франција во последниот натпревар под водство на Дешан

Албумот беше објавен на аудио-касета под етикетата „Продукција ЕМИ Мјузик“ и содржеше 20 композиции. Меѓу најпознатите песни се „Женски феномени“, „Неверувај им на кучките“, „За нашата раса“, „Hard Core“, „Апетит за уништување“ и насловната „Пресудниот ден“. Со директни, сурови и безкомпромисни текстови, групата зборуваше за реалноста на младите, социјалните неправди, урбаниот живот и бунтот против општествените стеги.

Посебно впечатливо е тоа што првиот тираж од 500 касети беше распродаден за помалку од два месеци, што за тогашните македонски услови претставуваше голем успех и потврда дека хип-хопот почнува да добива свои верни следбеници.

И покрај тоа што групата престанува со работа во 1996 година, веднаш по снимањето на видеоспотот за песната „Рап Hardcore-от нема никогаш да умре“, нејзиното наследство останува живо. Денес „Пресудниот ден“ се смета за култно издание и важна пресвртница во развојот на македонската урбана музика.

Со својата автентичност, енергија и бескомпромисен став, The Most Wanted успеаja да создадат албум кој не само што ја означи почетокот на македонскиот хардкор рап, туку и остави неизбришлива трага во историјата на домашната музичка сцена.