Денешниот датум го одбележуваме со сеќавање на еден од највлијателните и култни музички проекти во македонската алтернативна сцена – единствениот албум на групата Mosaique, познат и под насловот „?“, објавен во 2000 година преку Домот на младите „25 Мај“.
Овој албум претставува исклучителен и авангарден спој на хип-хоп, џез-фјужн, џез-фанк и алтернативни музички правци, кој во своето времетраење значително се истакнуваше во земјата и се запомни како едно од најоригиналните изданија на македонската музичка сцена.
Снимен во живо во Салон 19.19 во Културно Информативниот Центар во Скопје на 17 декември 1999 година, албумот бил миксан во април 2000 година во Profundus Studio. Автори на музиката и текстовите се Александар Станковски и Веле Солунчев, кои воедно се и водечки фигури на овој проект.
Групата Mosaique имаше експериментален пристап, комбинирајќи различни стилови и музички влијанија, создавајќи уникатен звук кој ги поместува границите помеѓу различните жанрови. Во составот на бендот се наоѓаат: Веле Солунчев (вокали), Александар Станковски (гитара), Панче Бујуклиев (клавијатури), Гоце Максмовски (бас), Дино Милосављевиќ (тапани), Васко Бојагиски (саксофон), Владан Дробички (тромбон), Алек Николовски (труба), заедно со DJ SMJ (Јане) и DJ BIZ (Славе) на turntables.
Продукцијата на албумот е дело на Веле Солунчев и Александар Станковски, со извршен продуцент Енко, инженеринг од Ален Хаџи Стефанов, а миксот е направен од Дориан во Profundus Studio. Дизајнот е на Дејан Спасовиќ, а фотографиите ги изработи Гого Клинчаров.
Албумот „Mosaique“ вклучува девет композиции: „Introuuuouo“, „Зборот“, „Сите алкохоли“, „Тројцата витези и џинот“, „Еп-Тен“, „Апатија“, „Така ти стои“, „Зајко ну погоди“ и „Најдобриот непријател“.
Иако остана само едно издание, „Mosaique“ денес активно се смета за култно и важен дел на македонската алтернативна сцена, како редок спој на жанрови и иновативен пристап кон музиката.




