Балетскиот спектакл „Есмералда“, ремек-дело на италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе биде изведен на сцената на Националната опера и балет на 19 февруари со почеток во 20 часот.
Врз основа на легендарниот роман „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, оваа балетска претстава ја раскажува драматичната приказна за убавата и мистериозна Есмералда. Музичката изведба ќе биде под водство на гостинскиот диригент од Ерменија, Едуард Амбарцумјан.Кореографијата е дело на реномираниот руски уметник Михаил Крапивин,додека за импозантната сценографија и костимографија се задолжени Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска. Концерт-мајстор на вечерта ќе биде Јане Бакевски.
Главната улога ќе ја толкува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, додека ликот на Феб ќе го оживее шпанскиот балетан Франциско Хименес Руиз. Симона Колиштркоска ќе настапи како Флер де Лис, а во улогата на Гудула ќе се појави Саша Евтимова, која оваа година одбележува 25 години активно творештво како врвен балетски уметник, педагог и кореограф.
Претставата ќе вклучи извонредни настапи на водечките уметници,солистите,балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Самиот балет „Есмералда“ е познат по својата техничка захтевност и емоционална длабочина, при што внесува извонредни танцови елементи што ја задржуваат публиката во напнатост. Оваа вечера ќе понуди уникатно балетско доживување, инспирирајќи размислување за љубовта, судбината и личните жртви со кои човекот се соочува низ животот.



