МВР потврди: Уапсен е Раде Трајковски-Штекли

Според она што го пишуваат дел од медиумите, Штекли е уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија

Илустративна фотографија

Во полициска акција лицето за кое прашувате по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) е лишено од слобода. Ова е одговорот што од Министерството за внатрешни работи (МВР) го добивме откако „360“ степени постави прашање дали се точни информациите што веќе се објавуваат кај дел од медиумите дека Раде Трајковски-Штекли е уапсен денеска.

Според она што го пишуваат дел од медиумите, Штекли е уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија.

Според пишувањата, оваа акција на МВР следува по сузбивањето на арачиновската група Беланоца.

Штекли се сомничи за трговија на дрога. Тој наводно предводел група од над десетина члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства.

На дополнително прашање да ни потврдат дали има и други лица што се лишени од слобода или, пак, се трага по нив, од МВР добивме одговор „засега толку“.

„360 степени“ за повеќе информации се обрати и до ОЈО ГОКК од каде чекаме одговор.

Сепак, во јавноста веќе кружат информации дека во моментов на територијата на Општина Аеродром на повеќе локации специјалци спроведуваат акција во која се апсат членови од групата на Штекли.

За потсетување, името на Раде Трајковски-Штекли последен пат беше споменувано во медиумите во ноември минатата година кога во двор во куќа во населбата Ќерамидница беше фрлена експлозивна направа, а од чија детонација беше повредено едно лице.

Повредниот во експолозијата, како што тогаш објавија повеќето медиуми, е Раде Трајковски-Штекли, кој во период од два месеци во 2023 година беше цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт“.  

Од експлозијата, што се води како трет обид за негова ликвидација, Трајковски помина со изгореници кои му беа констатирани во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. 

Засега не е расчистен ниту еден од трите случаи во кои ова лице беше цел на напад. 

- Реклама -