МВР објави извештај: Напади, агресивно однесување и пожар на новогодишната ноќ

Во текот на последниот ден од 2025 година и првите часови на 2026, Скопје биле забележани повеќекратни инциденти кои се поврзуваат со физички напади, нарушување на јавниот ред и мир, како и еден пожар, соопшти Министерството за внатрешни работи.

На 31 декември, во 10:40 часот, во СВР Скопје била пријавена физичка пресметка во паркот во населбата Влае. Според извештајот на 42-годишна жена од село Волково, нејзината 16-годишна ќерка била нападната од двајца малолетници кои ги познавала. Настанот се одиграл претходната вечер, околу 22:30 часот, а полицијата презела мерки за расчистување на случајот.

Истото попладне, во 17:10 часот, полицијата го привела 42-годишниот С.Т. од Радовиш, кој се однесувал агресивно во Општина Аеродром и предизвикал нарушување на јавниот ред во конфликт со три лица од Скопје. Нешто подоцна, во 17:45 часот, во катната гаража во централниот дел на градот, по претходна расправија, избила физичка пресметка меѓу четири лица, од кои едно било државјанин на Германија.

Прочитајте и:  Почина кошаркарот на Мемфис, Брендон Кларк

Во 19:30 часот, по расправија за паркинг-место во центарот, полицијата привела тројца скопјани кои учествувале во меѓусебна физичка пресметка. Во 20:20 часот, 30-годишна жена пријавила дека била физички нападната од друго женско лице пред угостителски објект во централното подрачје на Скопје.

Во првите часови на Новата година, во 04:15 часот, по завршување на забава во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, полицијата го привела 34-годишниот Д.М. од Валандово поради агресивно однесување кон полициските службеници.

Покрај нарушувањата на јавниот ред и мир, на 31 декември во 22:20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во населбата Гази Баба избувнал пожар во штала во сопственост на 41-годишен скопјанец. Нема повредени лица, а пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Извршен е увид од надлежните служби.

Министерството за внатрешни работи информира дека по целосното документирање на случаите, ќе бидат преземени соодветни правни мерки.