МВР: Имаше краток пад на системот на „Евзони“, протокот на патници сега се одвива без проблеми

Повеќе српски медиуми денеска пренесоа дека на граничниот премин за влез во Грција од Северна Македонија има застој и дека поради пад на системот, патниците чекаат од три до четири часа

Состојбата со протокот на патници на Граничниот премин „Богородица“ се одвива без проблеми и со вообичаена динамика за овој период од годината, соопшти МВР. Истото се однесува и за Граничниот премин „Евзони“ на грчка страна, посочуваат од полицијата, по објавите на социјалните мрежи и во дел од медиумите дека имало пад на системот којшто предизвикал поголем застој за влез во Грција.

Од МВР информираат дека од колегите од грчка страна добиле информација за краткотраен прекин на системот на граничниот премин, кој што утринава бил надминат.

„Бевме известени од грчките колеги дека околу 8 часот утринава во период од петнаесетина минути бил во прекин системот на Граничниот премин „Евзони“, по што проблемот бил надминат и протокот на патници до овој момент се одвива со вообичаената динамика“,

посочуваат од МВР.

Фото: Фејсбук страна на групата „Грчка инфо“

Повеќе српски медиуми денеска пренесоа информација дека на граничниот премин за влез во Грција од Северна Македонија има застој и дека поради пад на системот, патниците чекаат од три до четири часа. Според првичните информации ништо подобра не била ситуацијата и на граничниот премин кај Дојран каде во километарски колони се чекало и по два часа.