Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла тврдењата на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“, оценувајќи ги како невистинити и неосновани.
Нагласуваме дека се работи за редовно обновување на лиценците за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството го користи повеќе од една деценија за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, единствено во рамките на истраги спроведени согласно законите и наредбите.
Овие алатки не служат за прислушување, туку се стандардна опрема за дигитална форензика, што се користи и од други безбедносни институции во светот.
Важно е да се напомене дека истиот софтвер бил набавен и во 2021 година, во период кога Министерството било под раководство на министер од СДСМ, што дополнително ја истакнува противречноста на актуелните обвиненија.
Процесот на набавка беше спроведен транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки, со единствена цел да го зајакне капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривањето и доказувањето на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички актери да се воздржат од ширење дезинформации кои ја подриваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законското работење на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот треба да биде заеднички приоритет, а не причина за политички манипулации, особено за оние кои се плашеа од функционални институции и владеење на правото.




