Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, по денешната победа над Катар со 39:34 го изрази своето задоволство од играта на македонските ракометари.
– Апсолутно сум задоволен од оваа втора победа, од пристапот на нашите ракометари и од квалитетот што го покажуваат на ова Светско првенство. Тие се вистински пример за тоа како треба да се бориме за Македонија. Жал ми е што поддршката од трибините не е иста како на првите две средби, но тоа беше надвор од наша контрола. Од наша страна направивме сè што е потребно за да ги задржиме момците фокусирани на натпреварите и на нивната игра. Благодарен сум на ракометарите и горд што покажуваат дека оваа репрезентација има квалитет да продолжи да носи успеси во иднина.
Заедно со Кире Лазаров, изминатите години се соочувавме со многу критики, но ова е доказ дека сме на вистинскиот пат – изјави Мукаетов.
Токму тој е еден од најзаслужните за успехот на репрезентацијата, обезбедувајќи беспрекорни услови за работа на стручниот штаб и на ракометарите, што овозможи континуитет на големите натпреварувања.