Муцунски, Тошковски и Љутков во Пустец: Македонскиот дух живее силно и гордо

Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција, испраќајќи јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. „Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонското срце“, изјави министерот Тошковски.

Во рамките на посетата на Пустец, министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, со кој дискутираа за конкретни начини на поддршка од македонската држава.

„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот на издавање лични документи за оние што поседуваат македонско државјанство и да преземеме мерки за подобрување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај работат во регионот на Ресен“, нагласи министерот Тошковски.

Присутните имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар, кој е силна потврда дека македонската култура обединува, без разлика каде се наоѓа.

„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо“, истакна Тошковски.

„Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, додаде министерот.

На средбите со Македонците од Албанија, ги слушнавме нивните предизвици и заеднички се обврзавме дека поддршката нема да остане само на зборови. Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој важен дел од Балканот. Искрено благодарен за поканата – секогаш со задоволство ќе се враќаме тука, меѓу нашите Македонци“, написа Тимчо Муцунски на својот фејсбук-профил.