Муцунски: Сметаме дека со нашето постапување ги почитуваме одредбите од Преспанскиот договор

Прашан дали смета дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе го промени мислењето (за употребата на уставното име н.з.), Муцунски рече дека доколку се отворат канали на комуникација „ќе се убедиме дека целта треба да ни е заедничка, а тоа е да се поддржуваме на пат кон идниот развој на двете држави“

Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и за надворешна трговија / фото: принтскрин

Колку и да не ми се допаѓа тоа, мислам дека е навредувачки и потврдувам: Свесни сме, апсолутно сме свесни дека уставното име на државата е Република Северна Македонија, но истовремено да не заборавиме дека во самиот договор има членови кои што регулираат како може да се користат термините „Македонија“ и „македонски“ и притоа тие термини да имаат различно значење кога се применуваат од едната и од другата страна.

Ова во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 го изјави министерот за надворешни раоти и надворешна трговија Тимчо Муцунски. На забелешката од водителот на емисијата дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис највил дека на високо ниво ќе го постави прашањето за Преспанскиот договор и неговото почитување од македонска страна, Муцунски одговори оти оваа тема многу малку се отворала на Самитот на НАТО во Вашингтон.

„Во рамките на НАТО контекстот, би рекол дека скоро и да немаше интерес на темата Преспански договор. Со Грција мора да има дијалог, но тој мора да се случува со ладни глави. Ниту од наша страна, ниту од грчка страна, не беше побарана официјална средба“,

рече Мууцунски.

Тој рече дека премиерите на двете држави во идниот период секако „ќе мора да се видат“.

„Ние сме соседи, соседи коишто треба да соработуваат, соседи коишто треба да имаат и многу планови, предизвици во делот на економијата, трговијата, отворањето на нови гранични премини“,

рече Муцунски.

Според Муцунски, Владата нема проблем со Грција, бидејќи, како што вели тој, со нивното постапување го почитувале Преспанскиот договор.

„За нас во овој момент, ако ја гледаме поставеноста на нашата надворешна политика, ние не сметаме дека има проблем затоа што ние и покрај тоа што јасно сме кажале дека сметаме дека овој договор бил проблематичен кога се создавал, апсолутно веруваме во принципот дека договорите мора да се почитуваат. И сметаме дека со нашето постапување ги почитуваме одредбите од Преспанскиот договор“,

вели тој.

Другата страна, додаде тој, ако не смета така, прво има механизми коишто има право да ги активира во рамките на самиот договор, но истовремено има можност да побара разговори.

„Ќе кажам дека во неколку наврати неформално сум разговарал со министерот за надворешни работи на Грција. Се слушнавме пред некој ден за состојбите околу пожарите и укажавме дека треба да си помагаме во вакви ситуации бидејќи како што ние се соочуваме со пожари и нашиот сосед Грција во овој момент се соочува со пожари, но ние сме тука да ги штитиме тие наши интереси коишто ги имаме. И ние од гледна точка на нашата поставеност, на нашето толкување на Преспанскиот договор во овој момент сме на ставот дека ние не го прекршуваме тој Договор“,

вели Муцунски.

Тој истакна дека сите предизвици мора да се решаваат, како со Грција така и со Бугарија, и оти мора да има дијалог, којшто треба да се случува со ладни глави и оти треба да се остави простор помеѓу изборните процеси коишто завршија во двете држави и тоа што не чека во периодот којшто доаѓа.

Прашан дали смета дека Мицотакис ќе го промени мислењето, истакна дека доколку се отворат канали на комуникација „ќе се убедиме дека целта треба да ни е заедничка, а тоа е да се поддржуваме на пат кон идниот развој на двете држави“.

„Ќе повторам, да се поддржуваме во меѓусебните добри трговски релации, да дискутираме за теми како што се новите гранични премини коишто треба да се отворат, да зборуваме за одличните односи коишто ги имаме во последните години во делот на културата и образованието коишто потекнуваат многу години наназад, а можеби во одредени периоди беа потиснати. Тие се теми по коишто можеме да најдеме заеднички јазик, а овој предизвик којшто го имаме во различното толкување на содржината на Преспанскиот договор искрено сум убеден дека може да се надмине доколку сме сите свртени кон иднината, а не кон минатото“,

нагласи Муцунски.

За него е факт оти двете држави имаат различно толкување на Договорот кое може да се надмине доколку другата страна сака.

„Ерга омнес значи формална употреба во целокупниот домашен и меѓународен правен поредок. Дали личните карти и возачките дозволи се со Сеерна Македонија – се, дали комуникацијата во институциите е со Северна Македонија – е, ние сме свесни дека кога објавуваме прес-релисови (соопштенија за јавност) се користи тоа име. Е сега прашањето е некој во 21 век ќе ми забрани што јас да говорам, кога во самиот договор е регулирано користењето на тој термин тогаш зошто постои членот 7 од тој Договор“,

рече Муцунски додавајќи дека кога другата страна вели дека договорите мора да се почитуваат Владата се согласува со тоа и тврди дека го почитува.

- Реклама -