МРТВ со „солено“ мени: Сирење од 100 евра килограм за состанок со ЕБУ

МРТВ со „солено“ мени: Сирење од 100 евра килограм за состанок со ЕБУ

Македонската радио-телевизија (МРТВ) подготвува свечена вечера за претставниците од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), за која ќе бидат издвоени значителни финансиски средства. Според достапните информации, само за едно ексклузивно сирење може да бидат потрошени приближно 1.000 евра, а менито вклучува луксузни морски плодови, ретки зачини и внимателно избрани специјалитети.

Елитна трпеза: 1.000 евра за сирење

Како што пренесуваат медиумите,еден од предвидените производи на менито е сирењето „Big Woods Blue“,кое на странски пазари се продава од 70 до 100 евра по килограм,но во Македонија цената може да биде повисока и до 50%.Доколку за 120 гости биде обезбедено по 100 грама од овој гурмански производ, тоа значи дека ќе бидат искористени околу 12 килограми сирење, што претставува трошок од речиси 1.000 евра.

Ексклузивни јадења на сметка на јавниот сервис

Освен сирење од висока класа, вечерното мени вклучува и други специјалитети кои се далеку од секојдневната исхрана на граѓаните. Меѓу понудените јадења може да се најдат анасон и лубеница (надвор од сезоната),жолт домат мариниран со босилек,тропски ракчиња со ананасов прелив,димена патка со ореви и цреши,паеља со шафран и морски плодови – што укажува на луксуз кој ретко кој може да си го дозволи.

Дали јавниот сервис треба да троши на луксузен угостителски ангажман?

Граѓаните отвораат прашање зошто МРТВ ангажира увозни производи со високи цени, наместо да ги поддржи домашните производители. Зошто е неопходно да се избираат тропски производи, кога и локалниот пазар нуди соодветни алтернативи? Независно дали трошоците се од буџетот на МРТВ или средствата од ЕБУ, недвосмислено е дека ваквата потрошувачка е далеку од реалноста на обичните граѓани, а дури и од стандардот на самите вработени во јавниот сервис.

Настанот се планира да трае неколку дена, што може значително да ги зголеми вкупните трошоци. Се поставува клучното прашање – дали е оправдано вакво трошење на јавните средства за угостителски услуги кои повеќе наликуваат на Мишелин ресторан, отколку на рационално организиран службен прием?