Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека владата ќе ја разгледа можноста за повторно воведување на задолжителна воена служба, ако концептот на доброволно регрутирање не успее да обезбеди доволно нови војници за Бундесверот.
“Во целост се согласувам со министерот за одбрана дека Бундесверот се соочува со сериозен недостаток на персонал,” изјави Мерц на заедничка прес-конференција со холандскиот премиер Дик Схоф во Берлин.
Тој додаде дека ако доброволното регрутирање не ги задоволи потребите на армијата, ќе мора да се разговара за можни дополнителни чекори. Според коалицискиот договор, воената служба првично треба да биде доброволна, но тоа не значи дека не се исклучени идни измени.
Социјалдемократската партија, која е коалициски партнер на Мерц, се противи на повторното воведување на задолжителната служба во актуелниот парламентарен состав. Сепак, новиот парламентарен комесар за вооружените сили, Хенинг Оте, оцени дека такава мерка може да биде неопходна и најави дека ќе ја стави на дневен ред до крајот на годината.




