Нафтениот сојуз ОПЕК+ би можел да го одложи планираното зголемување на производството на сурова нафта, кое првично требаше да започне во април, и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп повика на намалување на цените на овој енергетски ресурс на глобално ниво. Еден од претставниците на ОПЕК+, кој побара да остане анонимен, изјави за Блумберг дека пазарите на нафта во моментов се премногу нестабилни за да се преземе чекор кон зголемување на производството.
Друг неименуван претставник потврди дека во рамките на ОПЕК+ постојат различни гледишта околу ова прашање, а конечната одлука сè уште не е донесена.
Ако се одложи планираното благо зголемување од 120.000 барели дневно, тоа би значело дека оваа алијанса, предводена од Саудиска Арабија и Русија, по четврти пат од 2022 година решава да се воздржи од зголемување на производството.
Стратегијата на организацијата предвидува постепено покачување на производството, со крајна цел до 2026 година да достигне вкупно зголемување од 2,2 милиони барели дневно.
Во понеделникот, рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека досегашниот распоред за зголемување останува непроменет и дека засега нема официјални разговори за можно одложување.
Во својот месечен извештај од февруари, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја задржа својата претходна проекција за пораст на глобалната побарувачка на нафта за 2025 година, која изнесува 1,45 милиони барели дневно, а за 2026 година ја проценува на 1,43 милиони барели дневно.
Според проценките на ОПЕК,транспортот по копно и воздух ќе има значајна улога во зголемување на потрошувачката на нафта,а организацијата не очекува дека можните трговски давачки ќе имаат поголемо влијание врз глобалниот економски раст,пренесе Ројтерс.