Можен е договор за ослободување на заложници во рок од неколку дена.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази надеж дека во следните неколку дена може да се постигне акорд со палестинската група Хамас за ослободување на поголемиот дел од израелските заложници.

Во разговор за американскиот медиум „Њузмакс“, Нетанјаху откри дека 50 заложници сè уште се во заробеништво, од кои се смета дека 20 се живи.

– Морам да го донесам секој од нив дома. Во моментот имаме нацрт-договор, согласно кој ќе бидат ослободени половина од живите и половина од мртвите. Се предвидува дополнително да вратиме 10 живи и околу 12 мртви, и за нив ќе се погрижиме. Се надеваме дека сето ова ќе заврши во следните неколку дена, изјави Нетанјаху.

Тој истакна дека Израел и Хамас веројатно ќе постигнат примирје на период од 60 дена, во текот на кое ќе се водат разговори за трајно решавање на конфликтот.

Во меѓувреме, Хамас објави дека постојат неколку значајни пречки во тековните преговори, меѓу кои и хуманитарната помош, повлекувањето на израелските сили од Појасот Газа и гаранции за постигнување траен прекин на огнот.

Нетанјаху, исто така, изрази надеж дека Израел во блиска иднина ќе постигне мировни договори со неколку арапски држави.

– Нашите арапски соседи дишат со олеснување по нашата воена операција против Иран. Со некои од нив веќе сме оствариле мир, а со други тоа допрва ќе следи, нагласи премиерот.

Тој потврди дека за време на нападот на иранските нуклеарни инсталации минатиот месец, Иран бил многу блиску до создавање нуклеарна бомба. Според него, оваа операција го одложила иранскиот нуклеарен проект за неколку години.