Манастирот повторно успеа да воспостави законитост и канонски ред, изјави архиепископот Дамианос, игумен на манастирот Света Катерина на Синај, по неодамнешните напетости со една група монаси кои се обидоа да го разрешат. Овие монаси сега се исклучени од монашкото братство, известува дописничката на МИА од Атина.
Грчките медиуми пренесуваат соопштение од архиепископот, во кое обелоденува дека тој вчера попладне пристигнал во манастирот со намера да постигне помирување и разговор со малата група бунтовни монаси. Тие организирале собрание без негово одобрение и присуство, со цел да го изменат Правилникот за работење на манастирот.
„Бунтовните монаси ме напаѓаа и навредуваа, исто како што го направија и при моето последно посетување на манастирот. Монасите кои ги поддржаа принципите на манастирот и мојата улога, покажаа изразена пожртвуваност, додека незаконските бунтовници беа исфрлени надвор од ѕидовите на манастирот,“ се вели во соопштението.
По ова, било свикано Собрание со присутните монаси, при што е избрано ново братство, што ја врати манастирот во рамките на законитото и канонското.
Според информациите на МИА од минатиот месец, архиепископот Дамианос обвини група од околу десет монаси за обид за негово разрешување од функцијата игумен на манастирот Света Катерина.
Весникот „Катимерини“ известува дека единаесет монаси, кои ја потпишале одлуката за суспендирање на архиепископот, од вчера попладне не се во манастирот и им е изречена казна екскомуникација.
Посочувајќи на свои информации, весникот додава дека официјалната Атина е известена за сите настани и внимателно ги следи.
„Извори запознаени со случајот истакнуваат дека овие настани можат да создадат поволна средина за постигнување договор со египетската страна во врска со отворените прашања за статусот на манастирот,“ пишува „Катимерини“.




