„Момците од „Фидбек Бенд“ со освежување пред настапите ова лето!“

Музичкиот состав „Фидбек Бенд“, кој повеќе од една деценија успешно делува на нашата сцена, ја промовира својата нова песна под наслов „Пали Запали“. За оваа баладична композиција е снимен и видео запис.

Песната е исполнета со силни емоции и длабока љубов, прикажувајќи приказна која ќе резонира кај многумина. Музиката и текстот се креација на Драган Ристовски – Дац и Гога Вучиќ, а аранжманот е дело на Дац. Комплетната продукција, вклучувајќи го и видеото, е изработена од „Индустриал Медиа“.

„Најголемиот дел од песната ‘Пали Запали’ беше завршен уште пред неколку месеци, кога на нашиот бенд му се приклучи Александар Тасевски. Чекавме идеален момент да ја објавиме и сме среќни што конечно проектот е во публицитет. Очекуваме да биде позитивно прифатена од нашата публика, исто како и претходните проекти на кои работевме. И покрај бројните активности во текот на овој период, не сакаме да ја оставиме јавноста без нешто ново и свежо“, велат членовите на бендот.

„Фидбек Бенд“ во просек настапува на повеќе од 100 настани годишно, и продолжуваат да создаваат нови приказни заедно со маестралниот вокал, Александар Тасевски.

Во продолжение, слушнете ја „Пали Запали“ од „Фидбек Бенд“.