На 10 февруари, со почеток во 20:00 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи концертот „Од студио до сцена“. Под водство на познатиот холандско-британски виолинист Даниел Роуланд, овој настан ќе ја означи февруарската концертна серија на Институтот „Фејмс“. Концертот е резултат на истоимената едукативна програма во која учествуваат 30 внимателно избрани млади музичари од цела Европа.
Проектот „Од студио до сцена“ се фокусира на клучните аспекти на современата оркестарска практика: како музиката се менува и добива нова димензија во различните фази на студиското снимање и концертната изведба. Учесниците, под менторство на Роуланд, во текот на неколку дена работат во професионалното студио на Институтот, а потоа ја презентираат создадената музика на концертната сцена, каде што таа добива нова енергија и комуникација со публиката.

„Разбирањето на трансформацијата на музиката помеѓу студиото и концертната сала е од фундаментално значење за денешните оркестарски музичари. Овој процес потоцува развој на слухот, флексибилноста и уметничката зрелост“, изјавува Роуланд, кој е и професор на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.
Концертната програма вклучува дела како „The American Four Seasons“ од Филип Глас, иновативна композиција која нуди свеж изглед на концептот за годишните времиња, „Musica dolorosa“ од Петерис Васкс, длабока и емотивна композиција посветена на човековата болка, како и „Metamorphosen“ од Рихард Штраус, едно од најдлабоките размислувања за промената и историската траума.
Како што истакнува основачката на Институтот „Фејмс“, Од Насју Мапа, „Делата кои ги одбравме бараат длабока концентрација, слух и емоционална зрелост, што го прави овој процес исклучително значаен за професионалниот развој на младите музичари.“
Роуланд, како уметнички ментор, внесува исклучителна интерпретативна длабочина и искуство во проектот. Неговиот уникатен звук и искрена музика добиваат пофалби од водечките странски медиуми, кои го опишуваат како виолинист „кој звучи како никој друг“ и уметник со „рафинирана финеса и моќна емоционалност“. Неговиот пристап ги поврзува техничката прецизност и уметничката свобода, што е суштински дел од едукативниот метод на „Фејмс“.
Покрај овој концерт, на 17 февруари, ќе се одржи и втор концерт по име „Барајќи го грувот“, воден од диригентот Тим Редмонд и џез-тапанарот Даглас Маринер. Овој проект ќе ја истражи комуникацијата помеѓу класичната музика и џезот преку ритамот, грувот и импровизацијата.
Редмонд нагласува дека работата на заеднички јазик помеѓу музичарите од различни традиции е клучна: „Кога работат заедно, ритамот станува заеднички јазик, а се што е потребно е слух, реакција и доверба.“
Маринер, џез-тапанар од Њујорк, додава дека ваквите проекти создаваат простор за вистински дијалог помеѓу жанровите без да го изгубат својот уметнички идентитет.
Концертите „Од студио до сцена“ и „Барајќи го грувот“ ќе понудат увид во односот помеѓу оркестарското снимање и живата изведба, како и дијалогот помеѓу класичната и џез музиката – два важни аспекти на современото музичко образование.
Институтот „Фејмс“ е еден од водечките центри за оркестарска продукција и музичка едукација во Европа, сместен во Скопје, Македонија. Неговите програми, работилници и концерти нудат можности за професионално усовршување на млади музичари од целиот свет во соработка со врвни уметници и диригенти.




