Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за отворање истражна постапка против 28-годишна жена, осомничена за кривично дело – убиство во обид, согласно член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
На 15 август, во нејзиниот дом на улицата “Борис Бојаџиски”, осомничената, за време на семејно насилство, се обидела да ја лиши од живот бабата на својот сопруг, со кого живеела во заедница.
Додека оштетената, родена 1938 година, одмарала во една од собите, жената влегла, ја заклучила вратата и седнала врз жртвата, ставајќи и перница врз главата со намера да ја задуши.
Ја притискала со перницата и ја удрила со тупаници по главата. Престанала кога помислила дека ја убила и за тоа му рекла на сопругот. Тој веднаш повикал полиција, а оштетената била пренесена во болница, каде што и биле констатирани нагмечувања на главата и вилицата, како и хематоми.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, особено поради очигледните околности кои укажуваат на можност да го повтори делото или да го доврши обидот.




