„Мизар“ одржува специјален јубилеен концерт во рамките на манифестацијата „Денови на Крали Марко“

Во рамките на културната манифестација „Денови на Крали Марко“, која се одржува секоја година во Прилеп под покровителство на Општина Прилеп, и оваа година граѓаните ќе можат да уживаат во богата програма посветена на легендарниот средновековен владетел.

Настанот е организиран со цел да се одбележи годишнината од неговото загинување, како и да се промовира Прилеп како град кој е нераскинливо поврзан со легендата за Крали Марко. Овој епски јунак, познат по многуте подвизи, останува значајна фигура во народното творештво на Балканот, особено во македонската епска традиција.

Оваа година, посебно внимание привлекува концертот на познатата македонска група Мизар, кој ќе се реализира во недела, 17 мај 2026 година, во Амфитеатарот во Варош со почеток во 20:00 часот.

Прочитајте и:  Алиу: Почнавме системски да ги решаваме проблемите во здравството

Публиката ќе има можност да ужива во специјално составена програма со најдобрите хитови на бендот, со што ќе го одбележи своето 45-годишно постоење. Мизар ќе изведе некои од своите најпознати композиции, кои оставија силен печат на македонската музичка сцена и култура во текот на децениите.

Меѓу песните што ќе бидат изведени се „Градот е нем“, „Магла“, „Униније“, „Дождот“, „Константинопол“ и многу други, кои се дел од музичкото наследство на бендот и генерации слушатели.

„Денови на Крали Марко“ и оваа година го потврдуваат својот статус на значаен културен настан во Прилеп, спојувајќи историја, традиција и современа музичка уметност во единствена целина.