Митева: Владата спречи дополнителни ценовни шокови, имаме стратегија за справување со ситуацијата

Марија Митева: Владата донесе мерки за стабилизација на цените на горивата

Марија Митева, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. Во разговорот, се осврна на владините мерки кои се однесуваат на цените на горивата, истакнувајќи дека во услови на криза со енергенси, е од суштинска важност да се води сметка за целокупната стабилност.

„Сметам дека Владата покажа високо ниво на одговорност и успешно се справи со кризата. Пред две недели, беше одржана вонредна владина седница, на која беше донесена важна мерка за намалување на ДДВ од 18% на 10%. Секојдневно, неколку пати во текот на денот, се организираа состаноци и координации за оваа тема, со цел активно да ги следиме состојбите и да дојдеме до конкретни мерки што директно ќе помогнат на граѓаните“, истакна Митева.

Таа посочи дека Владата превенирала дополнителни ценовни шокови и дека, и покрај непредвидливата ситуација, располага со јасен план за справување со кризата.

„На последната владина седница беа донесени нови мерки, со кои се продолжи првата мерка за намалување на ДДВ, а исто така се намали и акцизата. Оваа одлука, што ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, ќе ни помогне да избегнеме дополнителни ценовни шокови и покачувања на цените на горивата. Состојбата е навистина динамична, се менува од ден на ден, но сме Владата која има план за справување со оваа ситуација“, заклучи Митева.