Минчев: Факт е дека платите во администрацијата се мали, но бараните 30 отсто додаток се премногу

На нивното барање, како што рече министерот за јавна администрација, може да се одговори кога ќе се обезбедат средства преку Министерството за финансии. Нагласи дека за ова е потребно време зашто затекнале големи дупки во буџетот од своите претходници и додаде дека проблемите од изминатите 30 години не може да се решат преку ноќ

Министерот за јавна администрација Горан Минчев не може да каже дали ќе биде исполнето барањето на вработените во дел од министерствата за 30 отсто додаток на плата. Тој во интервју за ТВ 24 не спори дека платите на вработените во јавната администрација се ниски, но смета дека сумата што тие ја бараат е преголема.

Горан Минчев, министер за јавна администрација / Фото: Влада (архива)

„Ова прашање треба да се разговара со повеќе министерства, а тоа пред сè е Министерството за финансии, за евентуални дополнителни средства во буџетот со кои би се обезбедиле овие 30 отсто. Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно“,

изјави Минчев во интервју за ТВ 24.

На директно прашање дали вработените во дел од министерствата ќе ги добијат бараните 30 отсто додаток на плата, министерот вели:

„Не можам да дадам одговор на тоа прашање. Тоа е предмет на разговор со синдикатите во поширок контекст.“

На нивното барање, како што рече, може да се одговори кога ќе се обезбедат средства преку Министерството за финансии. Нагласи дека за ова е потребно време зашто затекнале големи дупки во буџетот од своите претходници и додаде дека проблемите наталожени во изминатите 30 години не може да се решат преку ноќ.

Министерот за јавна администрација информира дека имал средба со претседателот на синдикатот на УПОЗ, на која се договориле во писмена форма да ги достават своите забелешки за законите за јавна администрација со кои не се согласуваат и во втората половина на идната недела повторно да имаат средба за да разговараат за она што може да послужи за подобрување на овие законски решенија.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, вчера најави дека вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика (ДЗС), во вторник ќе излезат на протест бидејќи не им се одобрени 30 проценти додаток на плата.

- Реклама -