Милошоски: Спогодбата е аргумент за разрешување на Коцевски

Милошоски: Спогодбата е аргумент за разрешување на Коцевски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, смета дека спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев е дополнителен аргумент за разрешување на обвинителот Коцевски. Ова го објави на социјалните мрежи, коментирајќи ја актуелната ситуација во правосудниот систем.

„Георгиев беше судија во Врховниот суд,а Мемети член и потпретседател на Советот на јавни обвинители. Тие функционирале како тандем, но наместо да ја обезбедуваат правдата, ја продавале за пари. Во конкретниот случај, минимална затворска казна била договарана за 35.000 евра, во предмет што се однесува на недозволено производство и трговија со дрога. Парите од синот на обвинетиот биле примени во кеш. Оваа коруптивна шема била разоткриена поради ангажманот на новиот министер за внатрешни работи, а има сомнежи дека слични договори биле направени и претходно, но во друга валута“, вели Милошоски.

Овој случај предизвика шок во јавноста и предизвика бројни реакции, особено поради начинот на кој Јавното обвинителство со Коцевски на чело склучи наводно скандалозна спогодба со обвинетите. Георгиев, кој се товари за примање награда за противзаконито влијание, доби тригодишна затворска казна, иако законот предвидува од една до десет години. Потпретседателот на Советот на јавни обвинители,Мемети,пак,доби само условна казна,иако законскиот минимум за ваков случај е една година затвор.

Оваа спогодба е проблематична од повеќе аспекти, а Милошоски смета дека одговорноста за тоа ја сноси јавниот обвинител Коцевски.

„Парите за местење на судски пресуди не ги зел некој службеник или технички персонал,туку двајца високо позиционирани правосудни функционери,чие работење требаше да биде пример за професионалност и интегритет. Спогодбата која ја потпиша обвинителството со овој судско-обвинителски двоец праќа лоша порака до правосудниот систем и ја разнишува довербата во правдата“, нагласува Милошоски.

Во меѓувреме, правни експерти и дел од јавноста бараат преиспитување на договорот и потенцијално зголемување на санкциите, додека институциите се под зголемен притисок да демонстрираат ефикасност во борбата против корупцијата.