Некогашниот директор на „Гугл“ тврди дека знаеме точно зошто е тешко да се фокусираме, а решението е во нашите раце.
Ерик Шмит, поранешен лидер на компанијата, дава едноставен совет за сите оние кои сакаат да се концентрираат на своите задачи или навистина да се одморат – исклучете го телефонот.
Во разговор за подкастот „Moonshots“, Шмит сподели дека дури и младите истражувачи со кои денес работи, ги советува да ги исклучат мобилните уреди, за да можат да размислуваат подлабоко и без прекини.
„Не можете да се фокусирате ако телефонот постојано ѕвони и добивате известувања. Мора да го исклучите – буквално“, изјави Шмит.
Тој, исто така, нагласи дека многу технолошки компании, вклучувајќи „Гугл“, создале екосистеми кои зависат од вниманието на корисниците. Тие сега се обидуваат да ја „лекуваат“ оваа зависност преку апликации за медитација и релаксација.
Шмит призна дека технологиите што „Гугл“ ги развил, како што се Android известувањата, делумно се базирани на монетизација на нашето внимание преку реклами, платформи за забава и претплати.
Според него, идејата за исклучување на телефонот го враќа традиционалното работење и опуштање, кои постоеле многу пред паметните телефони да станат наши неизоставни следбеници.
„Луѓето се опуштале и се фокусирале долго пред да се појават паметните телефони. Вистинското одмарање започнува кога го исклучите уредот и се вратите на себе“, нагласи тој.
Сепак, некои креатори на дигитални апликации сметаат дека овој совет не може да се примени универзално, ниту е реално да се спроведе во современиот свет. Тие повикуваат на „одговорна и свесна“ употреба на технологијата.




