Фото: Microsoft
Иако не е составен дел од Windows, корисниците веќе долго време имаат можност да ја додадат функцијата што е популарна на macOS и на некои Linux дистрибуции. Станува збор за функцијата позната како Run, која порано беше вклучена во апликацијата PowerToys од Microsoft. Најсоодветната паралела е со Spotlight на macOS, којашто им нуди на корисниците можност да извршуваат многу активности преку еден прозорец кој се активира со кратенка на тастатурата. Преку неа, корисниците можат да пребаруваат датотеки, контакти, апликации, како и да вршат онлајн пребарувања и многу повеќе.
Microsoft неодамна претстави нова и подобрена верзија на оваа функција, сега преименувана во Command Palette, која повторно е дел од PowerToys. Command Palette се активира со кратенка Win + Alt + Space, но корисниците можат сами да ја прилагодат оваа комбинација во поставките. Со помош на Command Palette, корисниците имаат можност да пребаруваат апликации, папки и датотеки, да извршуваат команди, да се префрлуваат меѓу активните прозори, да прават едноставни пресметки и многу повеќе.
PowerToys останува една од најупотребуваните апликации за напредни корисници на Windows, нудејќи бројни дополнителни функции кои не се вграден дел од оперативниот систем.