Мицкоски од Давос: Македонија активно лобира за клучни енергетски проекти
Премиерот Христијан Мицкоски, од Светскиот економски форум во Давос, нагласи дека Македонија интензивно работи на реализација на важни стратешки енергетски проекти. Тој истакна дека иницијативите „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ веќе привлекле интерес од меѓународни инвеститори.
Мицкоски започна со билатерална средба со Борјана Кришто, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина. Потоа, следуваа разговори со претставници на мултинационални компании кои играат значајна улога во глобалниот бизнис. Главни теми на дискусиите беа вештачката интелигенција, развојот на дата-центрите и зголемените потреби од електрична енергија.
Тој објасни дека разговорите со водечките компании во управувањето со дата-центрите отворија прашања за идниот раст на производството на електрична енергија и потребата за зајакнување на енергетската инфраструктура. Во тој контекст, премиерот ги нагласи проектите за производство на струја и инвестициите за подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас, кои Владата ги стави на преден план.
На панел-дискусијата, Мицкоски за прв пат ги презентираше проектите „Бошков мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ пред меѓународната публика, оценувајќи ја нивната важност за енергетската иднина на земјата. Тој изрази уверување дека интересот бил значителен, додека, по завршувањето на панелот, остварил директни контакти со потенцијални инвеститори.
„Ги поканив да дојдат во Македонија и да бидеме во можност да ги презентираме нашите капацитети и инвестициски можности. Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе донесат дополнителна вредност во економијата и ќе придонесат за подобар квалитет на живот на нашите граѓани“, изјави Мицкоски.
Премиерот најава дека неговиот престој во Давос продолжува со нов панел, посветен на промоција на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори. Тој изрази надеж дека и оваа активност ќе резултира со конкретни интереси и партнерства.




