Мицкоски: Очекувам Силјановска да има преку 500.000 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ над 55 пратеници 

Јасен е исходот на 24 април, јасна е и пораката на народот дека опозицијата треба да ја состави идната влада, порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој очекува на 8 мај Гордана Силјановска Давкова да има над 500 000 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ најмалку 55 пратеници. 

Во интервју за „360 степени“, Мицкоски напомена дека минималната излезност во вториот круг ќе биде над 40 проценти и државава ќе го добие новиот претседател.

-Во секоја од изборните единици очекувам да качиме по еден пратеник, дури и во шестата, а за Гордана Силјановска Давкова очекувам поддршка од Таравари, Ванковска и Јакимовски, истакна Мицкоски.

Тој е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие мнозинство од 61 пратеник, но и бадентерово мнозинство. Го повтори партискиот став во однос на уставните измени, нагласувајќи дека ако уставните измени се услов на коалицијата „Вреди“ за влез во влада, таквиот услов нема да биде прифатен.  Македонската евроинтеграција останува приоритет, рече, и тука нема дилеми, но земјава мора да има многу попрецизна позиција и точно да знае дали и каков план има Европа за неа.

Мицкоски во интервјуто повторно ги повика сите политички партии кои се декларираат како опозициски, на национално и државно единство против власта.

-Јасен е исходот на 24 април, јасна е пораката на народот дека опозицијата треба да ја составува владата. Конечно во Македонија мора да го напуштиме принципот на шведска маса во политиката. Не може една политичка партија да биде континуирано, преку 20 години, малку со едната, малку со другата страна и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на коалицирањето со Вреди, Мицкоски е дециден дека треба да и се даде шанса на опозицијата.

-Има многу работи кои сметам дека треба да се променат на политичката сцена. Ако ги прашате граѓаните, повеќето, три четвртини од народот, се за тоа ДУИ да оди во опозиција. предолго време се на власт. Треба да им дадеме шанса и можност на другите да се истакнат. Да видиме со каков потенцијал располагаат партиите кои се обединија околу Вреди. За уставните измени нашиот став е јасен и тука нема промени. Не сме отвориле на таа тема разговор. За ЕУ имаме јасна позиција, ние сме за продолжување на македонската евроинтеграција и тука нема дилема, грешките се направени од претходната влада, немаме намера да ги прифатиме, но не ги игнорираме и затоа сакаме да имаме многу попрецизна позициа, да видиме што во суштина има план за нас Европа, дали воопшто има план за нас, да бидеме појасни зашто вака ова е повторно магловито, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Во однос на тоа колку е сериозен во намерата дека ќе има нулта толеранција за криминал и корупција, повтори дека ќе одговара секој што го прекршил законот. Во врска, пак, со проверката на имотот на судиите, Мицкоски подвлече дека сето тоа ќе се направи со мечирање на податоците од неколку институции.

-Ние многу јасно кажуваме дека ќе направиме проверка на сите граѓани а во нив ќе бидат и овие. Со мечирање на неколку бази на податоци меѓу кои УЈП, Катастарот, Централниот регистар, ќе видиме дали приходите на некое физичко лице соодветствуваат со тоа што тој располага. И јас одам чекор понатаму во таа проверка и велам, почнете од мене и од моето семејство. Да видиме Христијан Мицкоски во неговиот живот колку даноци уплатил, колкави приходи имал преку УЈП, по сите основи, дали е тоа приход по личен доход, дивиденда, некој друг приход,… Сето тоа УЈП го еведентира, рече Мицкоски. 

- Реклама -