Мицкоски: Има индиции за обиди за дестабилизација и етнички конфликт од страна на поранешни високи функционери и елементи со милионски суми пари

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имаат индиции за лица, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава и нагласи дека порано или подоцна сторителите на овие провокации ќе одговараат.

-Имаме индиции за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат и она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам и до јавноста и до медиумите  и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат, изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска тврдењата дека има лица, кои работат на дестабилизација на државата.

Тој денеска по посетата на Царинската управа нагласи дека порано или подоцна сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат и упати молба до јавноста да го задржи трпението.

-Македонија треба да се консолидира, индикаторите во јули се одлични во Царинската управа и во УЈП, еве и уште неколку податоци споделив, за патарините итн. Тоа значи дека слободниот пад е сопрен. Сега треба полека да ја вратиме состојбата на некоја нула, за да можеме потоа да си ја развиваме државата. Ние сме фокусирани на тоа. Не сме фокусирани на реални шоуа, не сме фокусирани на спектакли, благовремено јавноста ќе биде информирана буквално за секоја постапка на оваа Влада. Ние сакаме Македонија да ја развиваме онака како што заслужува да биде развиена, истакна Мицкоски.

Во врска со одговорноста за поранешни функционери, за кои имаат одредени индиции за начинот на кој работеле истакна дека очекува до средината на септември да заврши целосната транзиција во рамките на институциите, на нивото за кое што е одговорна Владата.

Прочитајте и:  Средба на Мицкоски со Зеленски во Дубровник

-Понатаму, раководните лица во тие институции претпоставувам вертикално надолу ќе го продолжат тој процес. Но, она ниво кое што зависи од самата Влада ценам дека некаде средината на септември ќе заврши, што значи дека за од прилика помалку од три месеци откако е избрана новата Влада тој прв круг на транзиција би требало да заврши и очекувам од сите тие кои што ќе бидат дел од тие институции прво да ги стабилизираат институциите, а попатно додека ги стабилизираат очекувам да направат сериозна ревизија и анализа на тоа што се случувало во минатото по принципот како досега, рече Мицкоски.

Нагласи дека располагаат со сериозни индиции за незаконско работење во многу институции, но претпочитаат да обезбедат сериозно цврсти докази.

-Не сакаме да оставиме простор за какво било толкување дека тоа е политичка хајка кон некого. Не сакаме да одиме чекор напред, чекор назад па потоа во јавноста да има мислење дека еве се договорија и овие се исти како и претходните, го уапсија, направија спектакл па за три дена го пуштија, тука има вака, има така. Не, не сакаме така. Еве во времето на техничката влада видовте како документиран беше еден случај каде што беа би рекол осомничени и приведени еден врховен судија, односно судија којшто е дел од Врховниот суд и еден претседател на Советот на јавни обвинители. Тука имаме признавање на вина, спогодување што значи дека акцијата била поткрепена со докази. Не сакаме да правиме спектакли, театри како што тоа го правеше претходната влада, рече Мицкоски.

Премиерот истакна оти не сакаат никого да понижуваат, туку нивната намера е да обезбедат владеење на правото и законот да важи за сите подеднакво на целата територија на Република Македонија.

- Реклама -