Мицкоски: Ако се најде заеднички интерес не е исклучена можноста за соработка со компании блиски до Трамп

На дополнително новинарско прашање дали ова би значело и поддршка за Трамп на идните претседателски избори во САД, Мицкоски рече дека од позиција на премиер не би сакал да го кажува својот став и своите симпатии

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма / ФОТО: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски не открива дали компанија за медиуми и технологија, поврзана со корпорацијата на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, ќе инвестира во земјава и ќе ја поддржи дигиталната трансформација, но, вели дека секоја соработка што е во интерес на државата е добредојдена.

Според Мицкоски, главен приоритет на оваа Влада е дигиталната трансформација како еден од начините за борба против криминалот и корпуцијата.

„Преку дигиталната трансформација, ние мислиме дека нивото, степенот на корупција, криминал ќе биде жестоко намален. И тоа е начинот како ние може да се бориме со криминалот и корупцијата. Нема друг начин. А тоа е транспарентна, отчетна постапка, на многу работи кои што се поврзани со потребите на граѓаните. Вие денеска да појдете да извадите Извод од матична книга на родени, ви требаат недели или има скратена процедура. Таа најчесто завршува со 500 или 1 000 денари во џебот на некој и тие ја завршуваат за неколку часа“, 

рече Мицкоски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.

Дигиталната трансформација, како што рече Мицкоски, била и една од темите на која разговарале на денешната средба со претставниците на компанијата „Rumble“, финансиската корпорација „Cantor Fitzgerald“ од САД и корпорацијата „Трамп“.

Според Мицкоски, соработниците на Трамп сакаат да соработуваат, а се разговарало за можни проекти.  

„Организатор на оваа група е господинот Крис Павловски. Како држава, мислам дека треба да имаме чест и провилегија што овие луѓе, прво, се тука, бидејќи станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло. Неговите родители се од ресенско, тој е роден во Канада, живее во САД и работи заедно со тимот на Трамп во делот на развивање на „Рамбл“ корпорацијата. Таа е многу важна посебно во процесот на дигитализација, посебно во процесот на ФИНТЕК индустријата, итн. Луѓето кои што беа тука, господинот Хауард и господинот Нес се двајца од кругот на најблиски соработници на претседателот Доналд Трамп. Тоа се луѓе со исклучително големо и корпоративно, но и политичко искуство во делот на трансформација на држави“, 

рече Мицкоски.

Прашан дали фирмата на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трапм ќе инвестира во Северна Македонија, Мицкоски не сакаше да изнесува детали, но рече дека доколку се успее да се најде заеднички интерес не е исклучена можноста.

„Сега за сега не би откривал таков тип на детали, но задоволен сум што овие луѓе ги имав денеска овие луѓе кои ќе останат и во наредните денови и ќе разговараат со тимови од владата поделени во два дела. Првиот е оној економски дел, а второто е за дигитализацијата и дигиталната трансформација со што сите процедури ќе може полесно да ги завршуваме. Ако успееме да најдеме заеднички интерес зошто да не“,

одговори премиерот.

На дополнително новинарско прашање дали ова би значело и поддршка за Трамп на идните претседателски избори во САД, Мицкоски рече дека од позиција на премиер не би сакал да го кажува својот став и своите симпатии.

„Тоа би било мешање во внатрешните работи на една држава. Кога не би бил тоа што сум можеби и би го кажал својот став и своето мислење, но во овој момент тоа би значело апсолутно мешање во внатрешните работи. Како цивил можеби и би го кажал својот став и своите симпатии, но од оваа позиција би се воздржал од одговор“,

рече Мицкоски.

За стратешкото партнерство кое земјава го има со САД и дали тоа би се сменило доколку дојде Трамп на власт, Мицкоски со одговор:

„Нашето стратешко партнерство има институционална меморија. Може да кажам дека со оваа влада што ја предводам тоа може да се продлабочува и да биде се поплодно“.

- Реклама -