Тој додаде дека претходните влади, од формирање на македонската држава, знаеле дека финансирањето не може целосно да се покрие од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување
Препораките на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање за мажи и жени не се прифатливи во овие услови и во овој момент. Тоа јасно го кажа и Владата и тие нема да бидат составен дел на Фискалната стратегија за периодот од 2025 година до 2029 година, изјави вечерва во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма, директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) Никола Мемов.
Тој смета дека граѓаните имаат потреба од зголемен социјален трансфер, односно поддршка на социјалниот момент во државата. Сите граѓани, посочи Мемов, чувствуваат потреба за зголемување на животниот стандард, бидејќи цените растат.
Како што посочи Мемов, основен извор на финансирање на ПИОМ се изворни приходи, поточно приходите од наплата на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на бруто плата од 18,8 проценти. Од тие изворни приходи од 18,8 проценти, додаде тој, само дел од нив се користат за исплата на пензии, а друг дел се трансферира во т.н. вториот столб во државата.
„Се исплаќаат 12,8 проценти за пензии, а шест проценти, односно една третина од вкупниот буџет што се собира како приход од овие извори на финансирање се трансферираат во вториот столб. Изворните финансии, односно од 18,8 проценти, не се доволни за исплата на сите пензии“,
рече Мемов.
Тој додаде дека претходните влади, од формирање на македонската држава, знаеле дека финансирањето не може целосно да се покрие од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
„Затоа се прават концепти за изнаоѓање на начини за обезбедување на пасивен извор на приход. Во 1990-тите години, кога се донесе Законот за приватизација, тој концепт е применет преку процентуални удели, акции од акционерските друштва. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување имал акции од над 10 проценти од ‘Алкалоид’, од ‘Европа’, од ‘Цементарница’, од ‘Телеком’, од Комерцијална банка. Концептот бил преку комерцијално, успешно работење на овие компании, преку дивиденда да се покрива таа дупка за исплата на пензии. Од овие разноразни социо-економски мерки, изминатите влади овие удели во компаниите, сукцесивно, со одлука на влада, ги продаваа и се откажуваа од тие удели. Значи државата, владата, се откажува од тој извор на финансирање“,
рече директорот на ПИОМ.
Бидејќи морало да се обезбеди дополнителен пасивен приход за полнење на буџетската каса за исплата на пензии, додаде Мемов, од 2003 година е направена нова реформа со три столба, каде се применува концептот на пасивен извор на финансирање.
„Значи парите да работат за тебе, односно за нас. Таа улога им ја дава на пензиските друштва во вториот столб. Трансферите од владата до пензискиот фонд за исплата на пензиите се смислени, така се стратешки поставени. Владата пред 20 години знаела дека една третина од буџетот што се прибира ќе се уплаќа и акумулира во вториот столб“,
посочи Мемов.
Од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти, препорачува Фискалниот совет како предлог на Фискалната стратегија 2025-2029 година.
Од Владата соопштија дека не размислуваат за препораката на Фискалниот совет.
Реагираа и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), чиј претседател Слободан Трендафилов, препораката на Фискалниот совет ја оцени како сериозно загрижувачка.
Без волјата и потребата на работниците, како што рече тој, нивниот работен век не може да се продолжува и да се одложува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг период наназад.
Според него, потребни се мерки за зголемено вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места како резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско осигурување.