Мелничарите поставуваат прашања за стабилноста на цените на лебот и брашното.

Според изјавите, со текот на жетвата, квалитетот на пченицата сѐ повеќе опаѓа и не е погоден за производство на лебно брашно, што влијае на актуелната откупна цена.

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, за МИА истакнува дека во последните 2-3 дена пченицата не ги исполнува условите за потрошувачка, поради што ќе се намали и откупот.

„Откупната цена за меркантилната пченица од земјоделците во светот се движи околу 155 до 160 евра. Тоа значи дека кај нас, како и секоја година, цената е повисока од берзите. Во однос на договорените 12 денари, тие одговараат на квалитетот на пченицата на почетокот на жетвата, но не значи дека таа цена важи за пченицата со несоодветен квалитет. Како што напредува жетвата, квалитетот сѐ повеќе опаѓа и станува несоодветен за производство на лебно брашно. На почетокот квалитетот беше задоволителен, но во последниве 2-3 дена, пченицата не ги исполнува условите за исхрана, што ќе доведе до намалување на откупот од страна на мелничарите“, нагласува Малишиќ во разговорот за МИА.

Тој дополнително ја нагласува важноста на поддршката на домашното производство.

„Во Македонија имаше околу 79 мелници, кои го хранеа населението, а сега бројот е сведено на 9 или 10. Повеќето од нив работат за свои потреби (тие со пекарници), додека останатите функционираат со 15 до 20 проценти од својот капацитет. Потребно е да се донесат сериозни, систематски одлуки за заштита на домашното производство, а не популистички мерки без вистински решенија“, дециден е Малишиќ.

Вкупните потреби за Македонија се околу 300.000 тони квалитетна меркантилна пченица.

„Секоја година увозот на брашно рапидно се зголемува, што пак ја зголемува потребата за пченица. Ако не ја заштитиме нашата домашна продукција, ризикуваме да зависиме од увоз, што директно ја поткопува локалната индустрија. Пред 15-16 години, максималниот откуп на домашна пченица од мелничката индустрија не беше помал од 160.000 тони, а сега, поради притисокот од српското брашно, откупуваме само околу 65.000 тони. Останатата жетва завршува за сопствени потреби или за извоз како сточна пченица. Во овие бурни времиња, без домашно производство, не можеме да ја контролираме цената. Министерството за економија непрекинато предлага пониски цени, а Министерството за земјоделство се залага за повисоки откупни цени. Инаку, увозот ни диктира сè, и никој не може со сигурност да прогнозира за цените“, нагласува Малишиќ.

Тој истакнува дека соседните земји на различни начини ја субвенционираат домашната мелничка индустрија, што кај нас отсутствува.

„Ние, како индустрија, поради отвореноста на пазарот и недостатокот на заштита од државата, сме нерентабилни. Сите членки на ЦЕФТА успеаја да заштитат своето домашно производство, а кај нас тоа е невозможно. Проблемот е што не се носат важни одлуки за заштита на домашното производство, а се интереси за приближување до изборите, кои не нудат решенија. Субвенционирањето на домашното земјоделско производство е во слободен пад. За да се зголеми домашното производство, треба силна преработувачка индустрија, но таа драстично се намалила“, заклучува Малишиќ.

Тој додава дека многу од оние кои функционираат, купуваат суровини од увоз, а користат домашни „бенефиции“ за различни основи, без обврска да се снабдуваат со домашни суровини.

„Пример е лебот, секојдневен производ. Само една голема пекарница користи домашно брашно од домашна пченица, додека другите користат увоз, а парадоксално, јадеме домашен леб. Веќе години нудаме решенија на властите за подобрување на состојбата, но никој не се потрудил да реагира. Апелирам до Владата, да не слушне и да презеде мерки за подобрување на состојбата, што би влијало и на буџетот, компаниите, земјоделците и граѓаните“, напоменува претседателот на Групацијата.

Тој го споменува и фактот дека сеуште не се потпишани билатерални договори со Грција, што ја ограничува нашата конкурентност на тој пазар.

„Кога одбивме влез без консултација со бизнис заедницата во Европската економска заедница, останавме без бариери при увозот и извозот од технички причини во земјите од ЕЕЗ. Потребна е поголема координација помеѓу Владата и компаниите кои произведуваат во земјата, бидејќи тие го платат данокот и ги одржуваат економската стабилност“, истакнува Малишиќ.

МИА