Меланија Трамп лансираше своја криптовалута

$Трамп има вкупна пазарна вредност од околу 8,7 милијарди долари, додека $Меланија вреди околу 1,3 милијарда долари

Меланија Трамп, која денеска ќе стане и официјална прва дама на САД, лансира своја криптовалута пред инаугурацијата на нејзиниот сопруг Доналд Трамп, пренесува Би-би-си.

Оваа информација таа ја објави на социјалната мрежа Икс еден ден откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја претстави криптовалутата $Трамп.

Според последните информации на пазарот, и двете криптовалути растат, но доживуваат и драстични флуктуации.

„Официјалниот мим-коин Меланија е активен! Сега можете да купите $Меланија“,

објави таа вчера на Икс.

На веб-страниците за криптовалути, за $Трамп и $Меланија се наведува дека не се сметаат за хартии од вредност и не се наменети како можност за инвестирање.

$Трамп има вкупна пазарна вредност од околу 8,7 милијарди долари, додека $Меланија вреди околу 1,3 милијарда долари.

За појаснување, мим-коин или мим-монета е криптовалута инспирирана од интернет-мимови. Овие валути обично немаат силна техничка основа или вистинска корист како некои други криптовалути, но нивната вредност често се зголемува поради популарноста на социјалните мрежи.

Инаку, Трамп претходно ги нарекуваше криптовалутите како измама, но за време на изборната кампања во 2024 година тој стана првиот претседателски кандидат кој прифати дигитални средства како донации.

За време на кампањата објави дека планира да создаде стратегиска резерва за биткоин и да назначи финансиски регулатори со попозитивен став кон дигиталните средства.

Очекувањата дека Трамп ќе ја намали регулацијата на криптоиндустријата го поттикнаа ентузијазмот на инвеститорите.

По победата на Трамп, биткоинот достигна рекордна вредност, покажуваат податоците на платформата „Коинбејс“.

Други криптовалути, вклучувајќи го и доџкоинот промовиран од најпознатиот поддржувач на Трамп, Илон Маск, исто така забележаа значителен раст оваа година.

За време на претседателствувањето на Џо Бајден, регулаторите, загрижени за измами и перење пари, поднесоа тужби против криптокомпаниите и го зголемија надзорот над индустријата.

Во пресрет на победата на Трамп, биткоинот скокна на рекордно високо ниво и во моментов се тргува со околу 107 000 долари.

- Реклама -