Растението познато под латинското име Astragalus physocalyx е значајно бидејќи претставува балкански ендемит, кој се наоѓа на Глобалната црвена листа на Меѓународната унија за заштита на природата, како и на домашната прва црвена листа на загрозени видови.
„Подрачјето каде што расте Астрагалусот е потенцијално Natura 2000 подрачје, од клучна важност за зачувување на растителниот диверзитет во Македонија. Од 2015 година, секоја пролет во април и мај, организираме пешачења по Патеката на Астрагалусот за сите заинтересирани граѓани и организации. Во соработка со училиштата од Богданци и околината, организираме и посети на природното живеалиште на Астрагалусот за групи ученици, со цел да ги едуцираме за значењето на локалниот биодиверзитет и заштитата на животната средина“, изјавува Надица Маџирова, проектен координатор во здружението „Полимат 13“.
Од оваа организација нагласуваат дека нивна основна цел е да создадат основа за заштита и грижа за подрачјето каде расте Астрагалусот, со посебен акцент на локалното, но и на национално ниво.
„Во мај традиционално организираме Ден на Астрагалусот, настан кој има за цел да ги едуцира младите и целото население од нашиот крај за природните вредности кои ги имаме како локална заедница, значењето на природата и подигнување на свеста за заштитата на животната средина. Оваа година, по четврти пат, Денот на Астрагалусот ќе се одржи на 16 мај. Во градскиот парк во Богданци ќе се понудат интересни активности за децата, ликовни работилници, натпревари и музички настапи, со посебен фокус на растението Астрагалус“, додава Маџирова и истакнува дека целта е младите активно да поминуваат време во природа, да научат да се грижат за животната средина и да ги ценат нејзините вредности.
Астрагалусот, познат и како меурест козинец, спаѓа во групата на диворастечки растенија кои можат да се размножуваат со долгите корења, па затоа се среќаваат во групи. Цвета од април до мај и има привлечни розови или бледорозови цветови. Некои видови од родот Астрагалус имаат различни употреби, вклучувајќи и лековити, но за меурестиот козинец постојат ограничени информации за неговата употреба во медицински или индустриски цели. Освен во Македонија, го има само на неколку локалитети во Бугарија, Грција и Турција.



