Во однос на новиот јавен обвинител, тој нагласи дека треба да биде професионалец кој ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во владеењето на правото
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, во своето вечерашно гостување на Алсат-М телевизија, посочи дека одлуката на Владата за започнување на постапката за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски е резултат на неговите континуирани правни прекршувања.
Тој истакна три клучни елементи што го детерминирале овој потег.
„Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување“,
изјави Меџити.
Во однос на новиот јавен обвинител, тој нагласи дека треба да биде професионалец кој ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во владеењето на правото.
Владата на денешната седница го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, соопшти попладнево на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа рече дека разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот што не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби, резултира со нарушена доверба и нефункционирање на правната држава.
Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред точно една година, односно на 13 февруари 2024 година. Претходно на ова место беше Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември 2023 година.